Епски загубен сет: Водеше со 5-1, ама загуби шест гема по ред по вина на – судијата (ВИДЕО)

Француската тенисерка Кристина Младеновиќ долго ќе го памети денешниот дуел на „Ролан Гарос“ против Германката Лаура Зигемунд, против која го загуби првиот сет иако имаше водство со 5-1 во гемови.

Таа лесно дојде до огромната предност и кога веќе сите само ја очекуваа формалната потврда за нејзиното водство со 1-0 во сетови, се случи шокантен пресврт. Кристина дури го доби првиот сет-поен, откако топчето двапати удри во полето на Зигемунд што не беше забележано од судијата, па поенот продолжи и конечно беше регистриран за германската тенисерка.

Од тој момент, Младеновиќ буквално крахира односно одеше од грешка во грешка, очигледно изнервирана од тоа што не дојде лесно до првиот сет, додека нејзината противничка максимално ѝ ги казнуваше грешките. Па така, Французинката од водство со 5-1 и сет-топка на крајот загуби со 5-7.

Потоа, Зигмунд го доби и вториот сет со 6-3, за вкупен триумф со 2-0 во сетови.