Енди Мареј дефинитивно го откажа настапот на Австралија опен

Петкратниот финалист на Австралија опен, Енди Мареј оваа година нема да настапи на грен слем турнирот поради Ковид-19. 

Тенисерот е позитивен на коронавирусот уште од минатата недела и бараше начин како да отпатува во Мелбурн и таму да го продолжи карантинот. Сепак, поради строгите правила во Австралија во однос на заштита од вирусот, беше јасно дека не постојат никакви шанси Мареј да пристигне во земјата и тоа позитивен. 

„Не успеавме да пронајдеме решение. Сакам да им се заблагодарам на сите за трудот. Скршен сум што нема да можам да играм во Австралија. Таа земја и тој турнир навистина ги сакам“, изјави Британецот.

Мареј доби вајлд карта за настап на Австралија опен, бидејќи моментално се наоѓа на 123-тото место на АТП ранг-листата. Тој пред две години најави повлекување од тенисот токму во Мелбурн поради сериозните и хронични проблеми со колкот. По операцијата тој успеа да се врати на терените и лани одигра само седум официјални мечеви. 

Австралија опен стартува на 8 февруари.