Димитров си начека „село без кучиња“ и го освои Синсинати

Бугаринот Григор Димитров ја освои најголемата титула во кариерата, совладувајќи го Ник Кирјос во финалето на мастерс-турнирот во Синсинати

Димитров ја зграпчи својата шанса против непредвидливиот Кирјос, славејќи со 6-3, 7-5. По еден брејк во двата сета беше доволен за 26-годишниот Бугарин за седма титула во кариерата, прва на турнир од мастерс-серијата.

Кирјос не можеше да ја повтори блескавата игра од четвртфиналето со Рафаел Надал, иако во вториот сет двапати спасуваше брејк-топка издржувајќи до 12. гејм.

На турнирот во Синсинати, поради повреди не учествуваа Федерер, Ѓоковиќ, Мареј, Вавринка и Чилиќ, што е разбирливо, со оглед дека идниот понеделник почнува УС-опен.