Австралиска министерка потврди: Ѓоковиќ до 2025 година нема да игра во Австралија!

Министерката за внатрешни работи на Австралија, Карен Ендрјуз потврди дека најдобриот светски тенисер во моментов Новак Ѓоковиќ поради укинатата виза и депортацијата добива автоматски забрана за влез во земјата во следните три години, што значи дека Србинот до 2025 година нема да игра на својот најомилен гренслем кој деветпати досега го освојуваше.

Ѓоковиќ вчера беше депортиран од Австралија и со авион на „Емирејтс“ замина за Дубаи, после одлуката на федералниот суд да се потврди одлуката на министерот за имиграција Алекс Хоук со што му се укинува визата и се депортира од земјата.

„Укинувањето на визата ја потврди федералниот суд, така да врз база на тоа, на Ѓоковиќ ќе му биде забранет влез во следните три години“, рече Ендрјуз во утринската програма во Австралија денеска.

Ѓоковиќ после 12-дбевна сага во кога беше во „притвор“ откако Австралија не го пушти да влезе невакциниран, иако имал одобрена одлука за слободен влез како „лекарски исклучок“ поради доказ дека бил позитивен на ковид-19 на средина од декември, но властите направија скандал, по кој судот во Викторија ја поништи првичната одлука, но министерот Хоук потоа го искористи дискрециското право да му потпише депортација.

Ендјуз најави дека одлуката за поништување на забраната за тригодишен влез е можна, но сето тоа е хипотетички и сѐ зависи од аргументите што страната, во случајот Ѓоковиќ, би ги поднеле за да биде укината таа забрана.

„Можно е да се укине забраната за влез врз база на понудени аргументи, но во моментов сето тоа е хипотетички. Секое такво барање се разгледува поединечно во зависност од тоа какви аргументи се поднесени“, додава министерката.

Ако Австралија остане на ова, веројатно ланскиот настап на првиот гренслем-турнир во Мелбурн, кој го освои Ѓоковиќ може да му биде последен во кариерата, зашто додека истече актуелната забрана во 2025 година, Србинот ќе има 37 години. Друго прашање е дали Ѓоковиќ и ако му ја укинат забраната во блиска иднина воопшто ќе дојде во Австралија после изживувањето што го истрпе во изминативе безмалку две недели.