Аргентинец бесен на карантинот во Австралија: На Ѓоковиќ терасата е поголема од мојата соба!

Аргентинскиот тенисер Гвидо Пеја се пожали на условите во задолжителниот карантин во Австралија во пресрет на првиот гренслем-турнир, посочувајќи дека сите тенисери немаат исти услови, а го потенцираше разочарувањето што големи ѕвезди за сето ова – молчат.

Пеја малку и ги изнасмеа љубителите на тенисот споредувајќи ги неговите услови со тие на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ.

„Па на Ѓоковиќ терасата во Аделаида е поголема од мојата соба. Но, тој барем јавно го искажа незадоволството и рече нешто за условите, за разлика од Рафаел Надал и Доминик Тим, кои ме изненадија непријатно со молчењето“, вели Пеја.

Тој додава дека условите во кои е сместен во карантинот се неприфатливи, но дека се издржува целата ситуација.

„Замислете мојата соба ни еднаш не е исчистена во цела недела. За некое чудо ни дадоа некои нови крпи, а храна ни доставуваат во стиропор. Нови чаршафи нема, ама се е во ред. Ќе издржиме некако“, посочува Пеја.

Австралија има воведено двонеделен карантин за секој што ќе влезе во земјата со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, а веќе една тенисерка во овој карантин пред стартот на турнирот во Мелбурн излезе позитивна на ковид-19.