За четири секунди Ставре Јада пропушти медал на Мавровскиот меморијал

Се одржа првиот натпреварувачки ден од 57. издание на Мавровскиот меморијал, традиционалните трки во нордиско скијање. Ставре Јада беше најдобриот македонски претставник, но за малку пропушти место на подиумот.

Иако пријавен како втор фаворит, Јада загуби позиција за медал некаде во втората половина од 10-те километри слободно, трчани на патеката „Мирна долина“ во Маврово. Заврши на четвртото место, со резултат 23:40.00, што беше послабо за 31.7 секунда од победничкото време (23.08.3) на Романецот Петрика Хоџиу.

За него се очекуваше да биде победник, бидејќи беше пријавен како убедливо прв фаворит, меѓутоа непријатно изненадување приредија вториот и третиот, двајцата од Босна и Херцеговина. Милош Чолиќ заврши 23.3 секунди зад победникот, а Страхиња Ериќ задоцни 27.5 секунди или за 4.2 секунди подобро од нашиот Ставре Јада. Јада беше најдобар од шесте македонски учесници, меѓу рекорден број од 41 натпреварувач кои стартуваа.

Во женска конкуренција, пак, на пет километри слободно, победи минатогодишната славеничка, Хрватката Ведрана Малец, сега со време 14:55.1, пред Мајда Дрндиќ од Србија и Сања Кусмук од БиХ. Од трите македонски скијачки, меѓу 12 учеснички вкупно, најдобра беше 15-годишната Михаела Даноска, на деветтата позиција со две и пол минути заостанување зад победничката. Ана Цветановска заврши 11-та, а Викторија Јовановска не ја заврши трката.

Утре ќе се трчаат истите дисциплини, 10 километри слободно за мажи, а пет за жени, со почеток во 9.30 часот. Ова е 57. издание на Мавровскиот меморијал, кој се одржува по повод загинатите градители и граничари во изградбата на ХЕЦ Маврово, во 1956. година.