Стана претседател на Медитеранот, а во Македонија уште не го признаваат!

„Спорниот“ претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), Александар Маленко, доби уште една потврда за својата легитимност од меѓународниот фактор.

Маленко е избран за претседател на Tехнички комитет за пливање на отворени води при КОМЕН (Медитеранската пливачка конфедерација). Неговиот мандат ќе трае четири години, а изборот го направиле 30 пливачки федерации од Медитеранот, на почетокот на Игрите во Тарагона.

Тој се пофали и на својот профил на Твитер, повторно пецкајќи ги непријателите од дома.

Маленко и понатаму не фигурира како претседател на ПФМ во Централниот регистер на Македонија, ниту пак важи за таков за Агенцијата за млади и спорт. По неколкумесечна неизвесност Централниот регистер го завери прво неговото име (на 5 јуни), а еден ден подоцна го „апдејтираше“ Дарко Нашков како претседател на ПФМ.

Маленко доби официјална честитка и од европската и светската пливачка куќа, ЛЕН и ФИНА, но недоразбирањето во нашиот пливачки дом тврдоглаво трае.