Само во Македонија: Пливачка со шанса за настап на ЛОИ принудена сама да си плаќа - влез на базен!

Наташа Мешковска, поранешна легендарна македонска пливачка со два настапи на Летни олимписки игри (ЛОИ) и тоа во Барселона (1992) и во Атланта (1996), која сега работи како професор на Факултетот за физичко образование, здравје и спорт (ФФОЗС) и како тренер во Аква Про Академија, викендов имаше револтирана објава на социјалните мрежи, потенцирајќи голем проблем со кој се соочува талентирана пливачка од нејзиниот клуб.

Станува збор за Ева Петровска, која со фантастичниот резултат на 400 метри слободен стил испливан на неодамнешниот меѓународен митинг во Скопје дојде до 764 бода според рангирањето на Светската пливачка федерација (ФИНА), со што стана единствен пливачки кандидат за претставување на Македонија на следните ЛОИ во Токио. Таа, без разлика на големиот талент и фантастичните резултати, според новите ковид-правила, треба сама да си плаќа влез на базен.

„Каде си државо моја да застанеш зад овие таленти? Каде си пливачка федерацијо да си ги заштитиш овие деца. Каде си Владо да ставиш крај на самоволието на директорот, поставен од вас, а со тоа и крај на уништувањето на овој спорт. Каде сте? Сега ни требате, да се радуваме сите заедно на спортските резултати и да ги поддржиме овие сонца наши македонски“, напиша меѓу другото Мешковска.

Петровска за дваесетина дена ќе наполни 16 години, но тоа не ја спречува неколку години наназад да биде меѓу најдобрите во македонското пливање. Нејзина омилена дисциплина е 800 метри слободно, но одлично се снаоѓа и во двојно покусата патека, во која има реални шанси да биде претставник на Македонија на ЛОИ в година во Токио.