Поп Ацев ќе плива на маратонски трки со награден фонд од - 550.000 долари!

Поранешниот светски првак во маратонско пливање, Евгениј Поп Ацев, годинава ќе настапува во новата серија маратони на десет километри во организација на ФИНА-ХОСА, во која се предвидени девет трки со вкупен награден фонд од 550.000 долари.

Првиот предизвик за најдобриот македонски спортист за 2015 година е веќе утре и тоа во Доха (Катар), каде што на програмата е првата трка во Светската серија. Поп Ацев потоа ќе насташи на маратони на Сејшели (22 мај), португалски Сетубал (9 јуни), унгарски Балатон (16 јуни), канадските Сен Жан (26 јули) и Мегантик (18 август), кинески Чунан (16 септември), Тајван (22 септември) и Абу Даби (24 ноември).

Станува збор за олимписка дисциплина, поради што Поп Ацев како стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК) ќе проба да даде сѐ од себе на трките кои се пред него, со обид да влезе во конкуренција за пласман на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Наградниот фонд на секоја трка ќе биде по околу 30.000 долари во машка и во женска конкуренција, а пари ќе заработат осумте првопласирани.