Опрема на Федерацијата, вредна 60.000 евра - Маленко ја „подарил“ на Срби!

На денешната прес-конференција на Националната пливачка федерација, претседателот Александар Филипчев соопшти зошто тој, а не Александар Маленко е легитимен предводник на македонското пливање, но откри и неколку проблеми со кои се соочуваат.

 

Еден од нив е одземената опрема за електронско мерење на времето, за што го обвинуваат Маленко. Според Филипчев, уште кога Маленко легитимно бил претседател на Пливачката федерација на Македонија, склучил договор со пливачки клуб од Нови Сад, за позајмување на опремата за електронско мерење на времето. Договорот бил, тие да ја сервисираат опремата, а наместо нашата федерација да плати, да ја остави на користење неколку години. Притоа, Маленко не консултирал никого, ниту, пак, свикал состанок на управен одбор, како што налагаат процедурите, за да се донесе таква одлука, велат неговите наследници.

Луѓето од Србија си ја зеле опремата, која е во сопственост на Федерацијата, со потпишана обврска дека, кога ќе ѝ треба на македонската федерација да ја донесе назад во Скопје. Арно ама, со проблем се соочиле уште сега. Викендов, во Олимпискиот базен, треба да се одржи државно првенство, а опрема за мерење - нема.

Човекот од Србија си бркал свои тезги и не одговарал на повиците и, практично, не го почитувал договорот склучен со федерациајта. Филипчев вели дека случајов е пријавен во полиција и чекаат разврска. Дотогаш, повторно ќе страдаат натпреварувачите, затоа што нивното време или ќе биде мерено рачно или федерацијата треба да најми мерач на време, што чинело 750 евра од настан, плус трошоци за пат и спиење (околу 1.000 евра). Таквата опрема, велат, нова чини 60.000 евра.