Нашиот најдобар пливач крева раце од Македонија – ќе плива за САД или ќе се пензионира!?

Според многумина најдобриот пливач кој Македонија го има во моментов, Марко Блажевски, нема да биде дел од репрезентацијата која ќе настапи на претстојното Светско првенство (СП) во Кореја, неправда која може да го натера да настапува за друга држава или, пак, да се пензионира од овој спорт.

Во последниот викенд од мај на митинг во Бања Лука тој оствари личен рекорд кој воедно беше и нов државен рекорд во дисциплината 100 метри градно и тоа пласирајќи се на второто место зад повеќекратниот светски и олимписки финалист од Србија, Каба Силаѓи. Но, тоа не беше доволно да биде вметнат во составот на Македонија на претстојното СП со образложение дека одличниот настап е задоцнет и дека морал ваков или сличен резултат да исплива порано за да влезе во игра за настап на натпреварувањето во Кореја.

„Нема да бидам дел од СП во Гуанжу поради политика и бирократија, нешто што очигледно е тренд во малите држави како мојата. Без разлика што имам најдобро време во земјата, 'ТИЕ' решија да испратат неколкумина помлади пливачи под изговор дека треба да собираат искуство“, вели Марко.

Неофицијално, тој е жртва на војната за превласт во македонското пливање помеѓу Александар Маленко со неговата Пливачка федерација на С. Македонија и Александар Филипчев со Националната пливачка федерација. Разочарувањето од политиката и бирократијата во пливањето, Блажевски, зад кого е настап на две Олимпијади, го приморува да размислува да се пријави да плива под знамето на САД.

„Ако со сигурност дознаам дека нема да бидам земен в предвид за настап на Олимписките игри во Токио следната година, тогаш дефинитивно ќе решам да пливам на квалификацискиот митинг за обезбедување место во американската репрезентација. Барем знам дека ќе добијам фер шанса“, дополнува Блажевски, кој покрај македонското има и државјанство на САД.

Марко истовремено потенцира дека е максимално разочаран од односот кој Македонија го има кон него и дека не е чудно ако и реши да стави крај на кариерата.

„Летово ќе направам пауза од трките за да уживам во летото. Тоа не значи дека сигурно ќе се пензионирам, бидејќи неодамна на 26 години, кои се сметаат за возрасни пливачки години, го испливав личниот рекорд. Но, тешко е да се натераш напорно да тренираш кога сопствената држава ти го врти грбот. Затоа, никогаш не велам не на ниту една опција, макар таа била и пензионирање“, завршува Блажевски.

Пливачот е роден во Скопје, а во 2012 година беше знаменосец на Игрите во Лондон.