Маленко „наредил“ пливачка од Македонија да биде избркана од Медитеранскиот куп во Бургас!? (ФОТО)

Големиот хаос кој подолг период владее во пливањето, пред сѐ борбата за власт помеѓу две струи кулминира викендов кога големата надеж на овој спорт кај нас, Миа Еминова Блажевска, за малку ќе беше буквално избркана од Медитеранскиот куп во Бургас и тоа на барање на еден од борците за превласт, некогашниот голем шампион Александар Маленко.

Тој од позиција на претседател на таканаречената Пливачка федерација на С. Македонија (ПФСМ) испратил допис до организаторот на ова натпреварување, кого го известува дека ја повлекува пријавата на Блажевска и на нејзиниот тренер Илија Стојановски. Причина за ова, како што се наведува во писмото, е фактот што двајцата не дошле на состанок со него пред патувањето во Бугарија. Згора на тоа, Маленко буквално ги оцрнува нашите претставници имплицирајќи дека наводно рекле дека „не им е грижа за правилата на Светската и европска федерација (ФИНА и ЛЕН) и дека тие единствено ги признаваат правилата на својата организација“.

Ваквиот потег на Маленко најверојатно е плод на фактот што од пред десетина дена неговата ПФСМ е буквално надвор од законот, а валидна за државата е Националната пливачка федерација (НПФ) чиј претседател е Александар Филипчев, за што има потврда и од Централниот регистер. Според Јане Карајованов, поранешниот прославен пливач, а сега претседател на ПВК Орион од каде што потекнуваат Блажевска и нејзиниот тренер, Маленко го користи фактот што сѐ уште важи за прв човек на македонското пливање во ФИНА и ЛЕН и го користи тоа за да ги „минира“ тие кои не се со него.

„Поради бирократијата во ФИНА и ЛЕН сѐ уште не е завршена промената на претседателот во овие организации. Испратена им е целата документација на НФП околу назначувањето на Филипчев преведена од судски преведувач и сега чекаме нивни одговор. А, дотогаш страдаат пливачите“, вели Карајованов, кој нѐ информира за овој случај.

По многу разговори, објаснувања и телефонски убедувања, но и закани со тужби за Маленко, како што вели Карајованов, Еминова Блажевска во последен момент била вратена во натпреварувањето, но не и нејзиниот тренер Стојановски, на кого му била одземена акредитацијата и не му било дозволено да седи на вообичаеното место. Поради тоа, за неа во моментите пред трките морале да се грижат колегите од БиХ и Србија со оглед на тоа што станува збор за девојче кое има само 14 години, а кое поради кавгите на возрасните била оставена да се снаоѓа сама.

„Малата Миа е во шок од настанатата ситуација, особено што на првата трка на 100 метри, која се одржа пред проблемот, за малку не донесе медал за Македонија со оглед што заврши како четвртопласирана. Таа веќе беше подготвена да се врати дома, но во последен момент било најдено соломонско решение таа да плива, а тренерот да биде отстранет, што не ја извади од фокусот па потоа уште еднаш беше веднаш зад медалистите во трката на 100 метри грбно. За утре е планирана прес-конференција на која јавноста ќе биде информирана за целата случка и за проблемот кој го имаме со Маленко“, дополнува Карајованов.

Според него, сличен проблем има и нашиот најдобар пливач, Марко Блажевски заедно со уште еден пливач од клубот ПВК Орион и тоа со нивната пријава за Светското првенство во Јужна Кореја, па може лесно да им се случи истото како и на Евгениј Поп Ацев, кој поради ваква работа не настапи на ланското Европско првенство во Глазгов.

Медитеранскиот куп во Бургас е за пливачи родени 2003/04, односно за пливачки родени 2005/06 година.