АМС: Виновниците за „случајот Поп Ацев“ да сносат адекватна одговорност!

Непријавувањето на Евгениј Поп Ацев на Европското првенство (ЕП) во пливање и покрај исполнетата норма уште во февруари во вид на сапуница продолжува да ги полни страниците на медиумите, овој пат со реакции на тие што биде требало да бидат најмеродавни за водењето на овој спорт кај нас.

По видувањето на луѓето од Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), со соопштение се огласи и Агенцијата за млади и спорт (АМС), која бара објаснување за случајот и одговорност од виновниците.

Нивниот став ви го пренесуваме во целост.

„Во врска со случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев, АМС ве известува дека внимателно го следи развитокот во пливачките спортови, како и во секоја друга спортска дисциплина.

Уште при промената на раководството и увидот во состојбите, како релевантна институција, констатиравме тешка состојба во пливачката федерација. ПФМ со години не функционирала соодветно, а констатирана е и задолженост од преку 20 милиони денари. Згора на тоа, со години немала годишно собрание а ниту пак примиле нови членки (пливачки клубови).

Во последната година, интензивно работиме во насока на решавање на проблемите во федерацијата, во согласност со Законот за спорт, заеднички и со вклученост на сите активни пливачки клубови.

Повеќе пати преку дописи и известувања, потенциравме и дававме насоки сразмерно нашите надлежности, за тоа какви активности и во која насока треба да делува пливачката федерација, кои се во согласност со законот за спорт. Овие препораки беа одговорени со обвинувања на мешање на државата и државните институции во независноста на ПФМ.

Продолжуваме и понатаму да апелираме и да се бориме за системско решавање на проблемите во пливањето, за во иднина да не ни се случуваат вакви случаи, кои се на штета на спортот и спортистите кои ја претставуваат нашата земја.

Евгениј Поп Ацев е еден од најуспешните македонски пливачи и еден од најголемите спортски амбасадори на нашата држава и кој безрезервно е поддржан во сите неговите настапи и натпреварувања од страна на АМС. Изразуваме жалење што АМС не била порано информирана дека иако има постигнато норма, нема да биде пријавен да учествува на ова првенство, како би можеле писмено да реагираме до надлежните меѓународни спортски институции и да најдеме начин да го поддржиме.

Ги повикуваме сите инволвирани кои што одлучиле Евгениј да не учествува во Европското првенство во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“, стои во соопштението од АМС.

Случајот стана актуелен вчера, кога прво братот на пливачот ја информира јавноста за проблемот, по што со емотивна исповед на социјалните мрежи се јави и самиот Поп Ацев.