Златните олимпијки од Индонезија ќе добијат за награда многу пари, куќа и по – пет крави!

Златните олимпијки од Индонезија, Грејсија Поли и Апријани Рахају, кои на Летните Олимписки игри во Токио стигнаа до најсјајното одличје во бадминтон во женски двојки ќе бидат богато наградени од својата држава, па освен многу пари на сметката, куќа или стан по избор, ќе добијат и по – пет крави.

Двете олимпијки ќе имаат кралски дочек во Џакарта, зашто Индонезијците се луди по бадминтонот, а Поли и Рахају сега имаат статус на божества после триумфот против кинескиот пар Чен Кинг Чен-Џиа Ји Фан со 21-19, 21-15 во финалето.

Поради големиот успех, државните власти решиле да го наградат двете олимпијки со по 250.000 фунти, како мотив и за жителите на Индонезија што повеќе да тренираат бадминтон, откако поради коронавирусот сѐ помал е интересот кај младите да тренираат во овој спорт.

Плус регионалните власти од каде што доажаат Поли и Рахају ветиле дека ќе им дадат по пет крави, а неколку ресторани им ветиле бесплатни јадења кај нив, во знак на благодарност за големиот успех.

Во Џакарта, пак, една градежна компанија им ветила стан или куќа во престолнината, а едно познато кафуле, пак, ќе им дава бесплатно кафе до крајот на животот.

Инаку првиот човек на Индонезија, Јоко Видодо на сограѓаните им посочил дека успехот на златните олимпијки е награда за денот на државноста на 17 август.