„За Тупурковски и Поповски, МОК е приватна забава и фамилијарен бизнис“

Војната за местото наследник на вечниот Васил Тупурковски на чело на Македонскиот олимписки комитет (МОК) станува сѐ пожестока како што се приближува Изборното Собрание, закажано за вечерва (18 часот) во хотелот „Александар Палас“, откако денеска претставници на 18 федерации кои ја поддржуваат Александра Војнеска-Зикова се заканија со кривични пријави за актуелното раководство.

Причина за ова е вчерашното неочекувано одбивање на кандидатурата на првата дама на македонската атлетика, наводно поради не исполнување услов во делот на период минат на раководна функција. Се бара идниот претседател да биде најмалку четири години на раководна функција во спортска федерација, а Војнеска-Зикова е една година на чело на АФМ, каде што претходно беше четири години во улога на потпретседател.

Соопштението на приврзаниците на поранешната атлетска ведета ви го пренесуваме во целост.

„Првите луѓе на МОК, Васил Топурковси и генералниот секретар Сашо Попоски, уште еднаш покажаа дека олимпиското движење го сваќаат како нивна приватна забава и фамилијарен бизнис, рушејќи ги сите начела на олимпизмот со недозволување на демократија, јавност во работењето и нормално спортско функционирање.

Ние, како спортски федерации од олимписките спортови во Македонија, веќе неколку години се бориме за да се смени овој начин на функционирање на Олимпискиот Комитет, а случувањата од последниве неколку дена уште еднаш ни потврдуваат дека нашата борба е оправдана.

Ние само бараме коректно изборно собрание по сите законски норми, без сопки и игранки од секретарот Поповски. А во духот на олимпизот нека победи подобриот.

Прекршувања на Статутот, злоупотреба на законите, но и заобиколување на олимписките начела има многу, но ќе наведеме само неколку

Прво, Управниот одбор самостојно презема ингеренции на Собранието и се стави над над него како највисок орган, со донесување на ограничувачки и дискриминаторски критериуми при кандидирање што е незаконски и не е предвидено во Статутот.

Второ, затоа што се прифаќа како делегат во Собрание претставник на непостоечка пливачка федерација, а не се прифака претставник од законската федерација, која е запишана во Централниот регистар.

Трето, на чуден начин на 24 часа пред одржувањето на Собранието, нестатутарно е доведена во прашање кандитурата на еден од кандидатите, со што е направено грубо прекршување на изборниот процес.

Четврто, од страна на Олимпискиот Комитет се испраќаат полномоштва до Федерациите, за тоа кој треба да биде делегат од Националната федерација, наместо Федерациите кои се членови на Собранието сами да си го определат претставникот.

Заради сите овие прекршувања и злоупотреби и нашите очекувања тие да продолжат и на денешното Собрание, а изборот да се претвори во фарса креирана од Тупурковски и Поповски, сакаме да ги предупредиме дека нема да го толерираме тоа и ќе бидиме принудени да поднесеме кривични пријави за злоупотреба на службена положба и фалсикување“, се вели во денешното соопштение.

Војнеска-Зикова вчера го обвини својот противкандидат Даниел Димевски дека се исплашил од конкуренцијата и дека преку своите луѓе направил сѐ за да ја дискредитира нејзината кандидатура. Димевски е поранешен прв човек на КФМ, против кого во април годинава беше отворен предмет од Државната комисија за борба против корупцијата, како и поднесено барање за отворање кривична постапка против него пред Јавното обвинителство.