Токио планира 18 пробни спортски настани како тест пред ЛОИ догодина во јули

После избувнувањето на кризата со коронавирусот, Летните Олимписки игри (ЛОИ) кои летоска требаше да се одржат во Токио се презакажани за догодина во јули и август и засега сите најави се дека нема шанси најголемиот спортски фестивал да не се одржи.

Игрите за планирани да стартуваат на 23 јули догодина и да траат до 8 август, а организаторите, како и првиот човек на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Томас Бах, објавија дека без одлег на сѐ, дали ќе продолжи кризата, дали ќе има или нема вакцина, Олимписки игри – секако дека ќе има.

Организаторите сега најавија дека до стартот на Игрите, Токио ќе организира 18 пробни спортски настани, како тестови за спремноста и подготвеноста на градот и на цела Јапонија да организира така комплексен настан во ек на најголема криза. Од тие 18 планирани пробни настани, четири ќе бидат меѓународни, што значи ќе дојдат и странски спортисти, додека останатите ќе бидат проба само со домашни спортисти.

Тоа што е сигурно е дека нема да има странски навивачи, а дека одреден број на домашни навивачи ќе добијат дозвола да присуствуваат, за да се тестира и подготвеноста на капацитетите од организацијата за настаните на ЛОИ кои ако не се реши здравствената криза, ќе се одржуваат со ограничен број на посетители или некои и без нив.

Во Јапонија веќе одредени спортски активности, како фудбалски мечеви, веќе се одржуваат со публика и тоа со половина капацитет, па така во Фукуока имаше 19 илјади присутни на стадионот со капацитет од 39.000.

Инаку Токио пријави 570 заразени од ковид-19 што е најмногу во периодот на криза, бројка која за мегалополис со милиони жители е мала бројка, еднаква на низа денови во Скопје по број на позитивни случаи.