Тектонски промени во МОК - паднаа „вечните“ Поповски и Богоевски!

Македонскиот олимписки комитет (МОК) по речиси две децении доби нов генерален секретар и спортски директор, откако Управниот одбор вчера изгласа смени на „вечните“ Сашо Поповски и Владимир Богоевски, за кои личеше дека доживотно ќе ги извршуваат овие функции.

Нов прв оперативец е Ѓорѓи Тасев, во чија биграфија најзвучно е дека бил советник за млади и спорт на поранешниот премиер, Зоран Заев, функција која ја извршување и првиот човек на МОК, Даниел Димевски. Името на наследникот на легендарниот одбојкар не е објавено, но меѓу новите лица во македонската Куќа на олимпизмот е неговиот син, Александар Богоевски, кој во иднина ќе биде директор на СЦ „Јане Сандански“. Поповски и Богоевски сениор остануваат на платниот список на МОК, првиот како одговорен за комуникација со меѓународни организации, а вториот како советник за спортски прашања на претседателот Димевски.

Претседателот Димевски на вчерашниот УО истакнал дека била неопходна нова енергија од млади луѓе, па во тој контекст биле избрани и Петар Спасеновски (раководител на сектор спорт), Елена Зисовска Апостолска (шеф на кабинет), Сашо Димитријоски (член на Управен одбор и Дејан Митровски (комесар за безбедност).

Меѓу останатите одлуки, УО едногласно ги усвоил и предлозите за новите олимписки стипендии за ЛОИ 2028 во Лос Анџелес. Одобрени биле девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, свечено биле потпишани договорите со стипендистите.

Стипендисти за ЛОИ 2028:

• Дејан Георгиевски (1.600 УСД) - Таеквондо

• Мила Рељиќ (1.600 УСД) - Таеквондо

• Дарио Ивановски (1.200 УСД) - Атлетика

• Ангел Петрушев (1.200 УСД) - Кајак

• Анастасија Мојсовска (800 УСД) – Спортско стрелаштво

• Магомедгаџи Нуров (800 УСД) - Борење

• Владимир Егоров (800 УСД) - Борење

• Душица Бреслиева (600 УСД) - Таеквондо

• Никола Ѓуретановиќ (400 УСД) - Пливање