Стох: Не сакам да се разбудам од овој прекрасен сон!

Полскиот ски скокач, Камил Стох беше воодушевен затоа што успешно го одбрани олимпиското злато на големата скокалница на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг.

Стох на претходните Олимписки игри, пред четири години во Сочи, беше несопирлив и на малата и на големата скокалница, а Полјакот сега не успеа да го одбрани златото на малата скокалница, односно беше четврти, но една недела подоцна заблеска и така стана дури четврти скокач, кој освои повеќе од едно злато на големата скокалница.

До своето трето злато Стох дојде пред олимпискиот шампион на малата скокалница Андреас Велингер и Роберт Јохансон од Норвешка.

„Неверојатно, не можам да опишам како се чувствувам. Мислам дека уште сонувам, но ова е прекрасен сон и не сакам да се разбудам од него. Сакам да им се заблагодарам на своите тимски колеги и тренерите зашто ни дозволија да го постигнеме тоа што го можеме“, вели Стох.

Стох кажа дека четвртото место на првото натпреварување во Пјонгчанг било аларм, кој го разбудил.

„Оваа недела се посветив на работа зашто знаев дека не покажав се што можам. Сакав да покажам дека можам подобро, а мислам дека на крајот успеав во тоа“, додава Полјакот.