Ристовски: Во МОК ќе се бира помеѓу две зла!

Македонскиот репрезентативен голман и член на Вардар, Борко Ристовски порача дека изборот на нов претседател на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) идната недела е избор помеѓу две зла, додавајќи дека двата кандидати за наследници на Васил Тупурковски не се вистинскиот избор за најголемата спортска организација.

МОК во среда треба да добие нов претседател после 27 години владеење со олимпиското движење од страна на Тупурковски, а кандидати кои веќе имаат поддршка од делегатите на Собранието се бившиот претседател на кошаркарската федерација Даниел Димевски, кој е и советник за спорт во актуелната Влада, како и претседателката на атлетиската федерација Александра Војнеска – Зикова.

Според Ристовски, изборот е избор на помалото зло, а во име на советник за спорт на првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека се недостојни за позицијата за која се борат.

„Не е главно за оваа битка колку кандидати има, туку главното кој е квалитетот на кандидатите кој што ќе ќе се изберат за да бидат во тој дел во борбата за едно такво престижно место во најголемата спортска институција каква што е МОК. Се работи за сомнителен избор на тоа Собрание, на кое ќе се бира помеѓу две зла и треба да се избере кое е помалото зло. За избор каков што е МОК, поточно за позицијата во МОК, мислам дека ова е премалку, бидејќи двајцата кандидати се недостојни или во најмала рака немаат морален кредибилитет да бидат дел воопшто во овој круг од луѓе на кој треба да учествуваат во овој избор. Најпросто кажано, тие двајца не се луѓето кои треба да го предводат спортот, најмалку да ја водат најголемата спортска институција“, вели Ристовски во интервју за ТВ „Алфа“.

Според него, изборот за наследник на Тупурковски е сведен на лица кои не се чесни, зашто против Димевски има антикорупциска постапка, а за Војнеска-Зикова вели дека има судир на интереси, потенцирајќи дека ова што се случува со МОК се работи и зад грбот на неговиот бивш репрезентативен колега, а сега директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски.

„За едниот кандидат има актикорупциска постапка пред Влада, за другата кандидатка, таа е дел од комисија од АМС која одлучува кој клуб колку парични средства ќе земе, а е и претседател на атлетската федерација. Сомнително е сама на себе да си доделува пари, а имаме информации дека во најголемата криза со короната, кога цел спорт беше застанат во земјава, таа си доделила огромни пари на својата федерација. Тоа е неморален чин, а да не зборуваме по кој основ тие средства се слеваат во таа федерација, зашто атлетиката не е некој спорт што носи резултати или ја буди националната свест и носи некои национални радости. Против Даниел има кривична постапка и сега сите треба да да се свесни, па и тие што ќе гласаат - што прават и што гласаат. Ова се прави зад грб на новиот директор на АМС, го знам Наумче многу имаме пријателство, без оглед што сме на различни политички страни и верувам дека нема да дозволи да се случи ова смешно Собрание. Се надевам дека ќе састане на страната на спортот. Сите ние како спортисти мора да се обединиме зад спортот, да застанеме против сите тие профитери кои се вртат зад сите федерации и зад клубови, па сега и зад МОК. Апел до АМС, се додека работи чесно во името и за спортот, ќе ја има мојата поддршка. Верувам дека овие кандидати се наметнати и дека зад негов грб се работи“, додава Ристовски.

„Министерот“ кој има и политичка функција во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најави дека сите грешки, посебно оваа со овој избор, во иднина ќе бидат исправени, кога ќе дојдат на власт.

„Нека бидат сигурни, а посебно ако нема регуларност, ќе имаме аргументи во иднина да го исправиме, а тие што направиле криминал да се изведат пред лицето на правдата. Имаме двајца сомнителни кандидати кои што не се на ниво на МОК, а ако не се најде трет кандидат кој ќе биде чесен човек, по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога и да е и ова нека биде порака за сите, дека ќе направиме буквално една комплетна ревизија како се работело и како се гласало. Се потпишуваат изјави на нотари за да се гарантираат гласови за еден или друг кандидат и сето тоа е сомнително. Еве, нека биде порака и за јавно обвинителство да постапува по допрен глас, зашто има доволен основ за покренување на постапка за да се истражат сите овие сомнителни работи. Моја заложба е во спортот да се чесни луќе и да немаат никаков бенефит од него, а не да влегуваат во било какви авантури, како ова со МОК. Спортот треба да биде на спортистите, а тие што сакаат да се збогатат преку спортот - да бидат санкционирани и изведени пред лицето на правдата“, заврши Ристовски.