Ристовски: Џабе ми се заканувате, јас само сакам претседател на МОК без криминална опашка!

На десетина минути пред стартот на Изборното собрание на МОК, кое предизвика огромен интерес во јавноста поради задкулисните игри на кои едната кандидатка за претседател го обвини својот противник, „масло во оганот“ долеа и Борко Ристовски, голманот на Вардар и советник за спорт на првиот човек на ВМРО ДПМНЕ.

Тој го повтори својот став дека ниту Даниел Димевски, ниту Александра Војнеска-Зикова немаат капацитет да водат една ваква престижна спортска институција.

„На Собранието ќе присуствувам на покана од МОК и како член на најголемата политичка партија во Македонија, како морална одговорност да бидат дел од овој избор за претседател бидејќи од него ни зависи иднината. Веќе кажав дека и двајцата кандидати немаат капацитет, ниту морален кредибилитет за да водат институција како што е МОК. Тука сум да видам кои федерации ќе гласаат за спортот, а кои за криминалот. Ние како спортисти сме против одржување на ова Собрание. На Македонија не и значат ниту Димевски ниту Војнеска-Зикова, бидејќи не поседуваат организациски и менаџерски способности за да управуваат со оваа институција“, изјави Ристовски.

Голманот на Вардар смета дека изборот за наследник на Васил Тупурковски не смее да биде извршен со партиски притисоци.

„Сега сите треба да застанеме зааедно, без разлика на партијата и на политика, ова треба да е спортски настан. Јас сум тука да упатам апел до сите спортски федерации, да обрнат внимание како ќе гласаат. Имаме доволно докази за кривично гонење и на двајцата кандидати. Против едниот веќе има обвиненија, а за другиот кандидат поседуваме докази за незаконски дејствија“, вели Борко Ристовски.

Тој, воедно, откри дека по изјавата дадена мината недела на оваа тема закани и неморални понуди.

„Не протежираме никого, само сме против овие двајца кандидати. МОК е непартиска организација и затоа сите треба да застанат зад една таква идеја. По моето излагање добив непристојни понуди за идниот МОК, добивав и закани од некои луѓе кои се претставуваа во нечие име. На сите треба да им е јасна една работа – ја утнале адресата бидејќи мене не ме плашат закани, ниту пак ми требаат понуди бидејќи јас својата егзистенција за удобен живот за себе и за своето семејство ја обезбедив со играње во странство. Затоа, јас сум овде за македонскиот спорт и ништо друго не ме интересира“, дополни голманотна црвено-црните.

Изборното Собрание на МОК се одржува вечерва во хотелот „Александар Палас.