Премиерот на Јапонија најави: ЛОИ ќе бидат доказ за победата над коронавирусот!

Премиерот на Јапонија, Јошихде Суга најави дека Летните Олимписки игри во Токио кои треба да се одржат летово, ќе поминат во најдобар ред зашто вети дека ќе биде победен коронавирусот, а најголемиот спортски спектакл ќе биде доказ за таа победа против опасниот ковид-19.

Јапонија до неодамна добро ја контролираше епидемијата со коронавирусот, но во последните неколку недели експоненцијално почна да се зголемува бројката на заразени, па многумина се сомневаат дека воопшто игрите ќе се одржат, а дури 80 отсто од жителите на Токио според последната анкета се противат на такво нешто.

„За да го вратам чувството на сигурност ќе ја ставам пандемијата под контрола, која беснее низ светот и сега ја погоди Јапонија. Јас ќе застанам во првите редови на таа битка. Ќе воспоставиме полни мерки против заразата и ќе продолжиме со подготовките за да организираме игри, кои на светот ќе му пружат надеж и храброст. Овие ЛОИ ќе бидат доказот за победата на човештвото против коронавирусот“, рече Суга.

Јапонија со вакцинацијата ќе започне кон крајот на февруари, откако ќе биде одобрена тогаш вакцината на Фајзер, една од трите што според најавите ќе бидат користени за имунизација на населението.