„Поради рускиот допинг згаснува олимпискиот дух“

Кејти Јулендер, двократката светска шампионка во скелетон, изјави дека олимпискиот спорт се соочува со „катастрофа“ поради систематскиот допинг во Русија.

Спортистката од Колорадо не е задоволна од одлуките на Судот за спортска арбитража (ЦАС), кој ги укина доживотните суспензии за 28 руски олимпијци, претходно изречени од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).

„Имам чувство дека умира олимпискиот дух кој сите го гаиме. На почетокот, кога ИОК направи така голем и одлучен чекор да ја суспендира Русија и да им ги одземе медалите, тоа им даде надеж на спортистите кои се придржуваат до спортскиот дух. Тоа го засили олимпискиот дух. Но, кога ЦАС одлучи да ја поништи таа одлука, се случи спротивното. Мислам дека сите треба да се насочиме кон ИОК за да се направат голем реформи и уште поголеми чекори за да се врати тој дух“, изјави Кејти.

Таа на претходните игри во Сочи заврши на 0,04 секунди од резултатот кој ѝ беше доволен за медал, зад третопласираната Елена Никитина од Русија, на која ѝ беше одземен бронзениот медал поради кршење на антидопинг правилата, но ЦАС ја поништи таа одлука и Кејти „повторно“ остана без медал од Сочи.