Перо Антиќ доби задача да го развива спортот и олимпизмот во Македонија!

Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) на денешната седница го наименува тројниот европски кошаркарски првак, Перо Антиќ, за претседател на Олимпискиот совет.

Ова е прва исклучително одговорна функција на поранешниот репрезентативец по неговото завршување на играчката кариера и тоа два месеци откако беше избран за член на Собранието на МОК. Антиќ истовремено станува и одборник, а негова основна задача е да работи во насока на развојот и омасовувањето на олимпиското движење, но и да делува на планот на популаризација на спортот и олимпизмот во државата.

Според Статутот, Олимпискиот совет е тело на МОК составен од претседател и 24 члена од редовите на врвните спортисти и личности кои особено се истакнале во организирањето и настапите на спористите од Македонија на Олимписките игри. Негова задача е да го помага развојот и омасовувањето на олимпиското движење во државата, да делува на планот на популаризација на спортот и олимпизмот кај нас и да предлага систем на признанија што ги доделува МОК.

Истовремено, на денешниот состанок, УО на МОК ја усвои иницијативата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и на меѓународните спортски федерации во кои членуват нашите национални федерации да се потпише Меморандум за партнерство, соработка и почитување на основните принципи на автономија и независност помеѓу олимписките и спортските организации и Агенцијата за млади и спорт (АМС). Овој документ е креиран врз основа на блиската соработка помеѓу ИОК и Организацијата на Обединетите нации (ООН) во која членува и Македонија.

Се очекува по потпишувањето на овој Меморандум, тој да биде имплементиран во Законот за спорт.