Олимписките спортови креваат глас: Дури 26 федерации бараат промени во МОК!

Иницијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска одржа прес-конференција на која ја презентираа иницијативата за промени во составот на овој највисок спортски орган во државата и тоа во името на 26 спортски федерации и голем број наши сегашни и поранешни олимпијци.

Барањата на одборот ги презентира Александра Војнеска од Атлетската федерација на Македонија (АФМ), која информира дека иницијативата е веќе доставена во МОК и тоа кон крајот на минатиот месец. Иницијаторите за промени бараат одржување Вонредно собрание на кое ќе се изврши промена на членот 10 од Статутот во согласно со олимписката повелба.

„Бараме и во МОК да биде како што е тоа во сите други национални олимписки комитети. Во Собранието на МОК мнозинството на гласови да бидат од националните спортски федерации од олимписките спортови. Иницијативниот одбор за уредување на односите во олимпискиот спорт на 27 септември поведе иницијатива за одржување легитимно Вонредно собрание, согласно сите закони. Го замоливме првиот човек на МОК, Васил Тупурковски, да го испочитува нашето барање и тоа во рок од 30 дена. Доколку МОК не го стори тоа, нашиот Иницијативен одбор е подготвен да ги искористи сите можности да закаже и одржи вонредно собрание до крајот на овој месец“, изјави Војнеска.

Во моментов, според член 10 од Статутот, Собранието на МОК брои 120 делегати со право на глас, од кои само 26 се од федерациите од олимписките спортови, што, според ИО за промени, е спротивни од олимписката повелба.