Деветтиот календар на компанијата „Пелистерка“ разголе 12 македонски спортистки, па денеска во хотелот „Мериот“ беше промовиран календарот за 2018 година, на која девојките од најразлични спортски дисциплини ќе зрачат со сексапил во 12-те месеци.

 

На календарот се познати имиња, успешни спортистки во најразлични дисциплини, олимпијки.

„Идејата на календарот годинава е да покажеме дека имаме македонски жени спортистки кои што се силни, истрајни, храбри, убави и најдобри во тоа што го прават. Затоа и мотото годинава е Пелистерка, вода за најдобри!. Ги одбравме, според нас, најдобрите во својата област. Овие 12 девојки се синоним за сила за моќ за успеси. Дисциплинирани и истрајни во она до што се стремат да стигнат, нашата компанија годинава само ќе им биде ветер во грб. Соработката со нив не завршува со календарот. Ќе се дружиме со сите нив низ сите нивни спортски походи и во иднина“, вели Тања Панделеска, маркетинг директорка на „Пелистерка“.

На календарот за 2018 година свое место најдоа Берна Шерифовска (џудистка), Наташа Андонова (фудбалерка), Едина Муса (кошаркарка и боди фитнес), Дрита Ислами (атлетичарка), Леана Таки (триатлонка), Милјана Ристиќ (маратонка), Елена Чуркоска (кајакарка), Катерина Николовска (велосипедистка), Стефани Тодорова (кик-боксерка), Ивана Јанкова (одбојкарка), Марија Божиновска (фитнес билдерка) и Нина Ѓорѓевиќ (каратистка).

На денешната промоција недостасуваше само најдобрата македонска фудбалерка Андонова, поради обврски кон Барселона, а сите тие добија „златен медал“ од компанијата.