Лазаров, Поп Ацев и РК Алкалоид добитници на главните награди „13 ноември“!

Пливачот Евгениј Поп Ацев и ракометната легенда Кире Лазаров заедно со неговиот клуб Алкалоид се меѓу најистакнатите добитници на спортските награди „13 Ноември“ што традиционално ги доделува Сојузот на спортови на Скопје.

Главната награда – Спортист на годината - му припадна на Поп Ацев, кој минатата година го преплива легендарниот канал Ла Манш во должина од 33 километри за време од 9 часа и 43 минути. Со тоа стана петтиот Македонец што го совладал овој предизвик, дополнувајќи ја својата богата кариера во маратонското пливање. Престижната титула „Тренер на годината“ ја доби Лазаров, кој го предводеше тимот до трофејот во ЕХФ Европскиот куп. Неговиот клуб, РК Алкалоид, беше прогласен за најуспешна спортска екипа за 2024 година – признание што го заокружува историскиот успех на тимот на меѓународната сцена.

Наградата за животно дело ја добија поранешната атлетичарка Божурка Ѓошевска и спортскиот фоторепортер Кирил Михаилов, за нивниот повеќедецениски придонес во развојот на македонскиот спорт. Меѓу останатите добитници се и Горан Мицкоски (Џудо федерација на Македонија), Јордан Тасевски (претседател на Федерацијата за спортско стрелаштво), Александар Аргироски (професор по физичко образование) и Ана Јакимовска-Стричевиќ (професорка од ДУФК „М.М. Брицо“). Во категоријата „Спортски работници“ меѓу лауреатите се најде и Владимир Булатовиќ, новинар на порталот „Екипа“.

Наградите „13 Ноември“ се доделуваат по 55-ти пат, традиција што датира од 1970 година и претставува едно од највисоките спортски признанија во главниот град. Со нив Сојузот на спортови на Скопје го одбележува Денот на ослободувањето на градот и им оддава чест на сите кои со својата работа го унапредуваат спортот во земјата.