ИОК првпат призна: ЛОИ во Токио можно е да се одржат без гледачи!

Претседателот на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Томас Бах првпат призна јавно дека можно е Летните Олимписки игри летово во Токио да се одржат без гледачи поради глобалната пандемија со коронавирус.

Веќе подолго време се појавуваат разни информации околу одржувањето на веќе презакажаните ЛОИ во Токио, од тоа дека повторно ќе се одложат, па сѐ до информации дека нормално ќе се одржат пред публика. Јапонците не се многу воодушевени, ниту оптимистички расположени, па последната анкета покажа дека дури 80 отсто се или против или не веруваат во одржување на Игрите.

„Не можам да кажам такво нешто, дека ќе имаме ЛОИ со гледачи. Не можам тоа да го ветам. Во моментов најважно е да имаме безбедни игри, а здравјето и безбедноста на сите е во прв план. Сите ние би сакале да имаме полни спортски арени, навивање, воздишки, аплаузи. Ама, ако тоа не е возможно, ќе мора да ги почитуваме принципите за безбедност на игрите. Тоа е прв приоритет – безбедноста!“, рече Бах.

Од јапонските власти најавија дека можат да организираат безбедни игри, а од вакцинацијата против коронавирус ќе зависи дали и во колкав број ќе има публика на борилиштата, но таа масовна имунизација не оди според планот и многу поизвесно од сегашна перспектива е дека игрите најверојатно ќе минат пред празни трибини. Лорд Себастијан Кое, првиот човек на светската атлетска федерација, минатата недела најави дека Јапонија веќе ја прифатила реалноста дека Игрите многу извесно е дека ќе се одржат без гледачи.

„Кога станува збор за гледачите, треба да сме свесни дека во овој момент такво нешто не е реално, иако секој би рекол дека ќе чекаме до последен момент“, додава Бах.

Овие изјави на првиот човек на олимпизмот се сосема спротивни на силните најави од ноември годинава, кога тој најави дека реалноста е дека треба да се очекува „одреден број на гледачи на спортските арени во јули и август“.

Според најавите 10.800 спортисти треба да дојдат во Токио и ќе бидат сместени во комплетен балон во олимпиското село, кое ќе биде засилено и со лабаратории за тестирања, а сите ќе се тестираат секојдневно. На спортистите ќе им биде дозволено да дојдат до пет дена пред стартот на Игрите, ама ќе мора да го напуштаат олимпиското село веднаш штом своите настапи ги завршат.

„Работиме на тоа како да се одржат Игрите, затоа бараме трпение и разбирање. Не работиме на одложување на Игрите, туку на нивно одржување. Нашата цел е да се оствари сонот за учество на секој олимпиец и затоа деноноќно се работи на тоа како да минат безбедно ЛОИ“, додал Бах.