ИОК контра МОК: Никој не смее да ја поништи кандидатурата на Војнеска-Зикова!

Претставници на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) денеска ги информирале своите колеги кои сѐ уште го предводат македонското олимписко движење дека ни по која цена не смеат да ѝ забранат на Александра Војнеска-Зикова да влезе во битка со Даниел Димевски за претседателската фотелја, закажана на денешното Изборно собрание (18 часот).

Оваа реакција доаѓа по вчерашната, за многумина шокантна, одлука на Управниот одбор на МОК да ја елиминира првата дама на македонската атлетика, бидејќи, наводно, немала доволен стаж на раководна функција во спортска федерација. Тоа дојде дури неколку дена откако нејзината кандидатура беше примена и потврдена од органите на МОК, што за луѓето од ИОК е доволна потврда на валидноста.

Борбата за тоа кој ќе биде наследник на вечниот Васил Тупурковски се разжести последниве денови, откако Војнеска-Зикова ги обвини луѓето кои стојат зад Димевски, против кого има отворен предмет од Државната комисија за борба против корупцијата и поднесено барање за поведување кривична постапка пред Јавното обвинителство, дека се исплашиле од неа и затоа сакаат нечесно да ја елиминираат.

Собранието на МОК има 53 члена со право на глас и тоа 29 претставници на национални федерации и 24 заслужни спортисти и спортски работници.