Имаше рак и се соочуваше со смрт, но на крај стигнa и до - златен медал (ВИДЕО)

Приказната која ни доаѓа од Зимските параолимписки игри е вистинска мотивација и добар пример дека сѐ може да се постигне ако се има доволно желба, верност и упорност.

Бибијан Ментел-Спи од Холандија, која има една ампутирана нога, освои злато во сноуборд крос и тоа само десет недели, откако беше на операција поради тумор на вратот и на ребрата.

Драмата на параолимпијката, која во Сочи победи во крос, почна во јули. Лекарите тогаш и откриле рак, по девети пат во нејзиниот живот. Бибијан во 2002. година ја изгубила ногата поради тоа што ракот и ја нападнал коската, а овој пат станувало збор за вратот, па целата приказна ја раскажува 45-годишната натпреварувачка од Холандија.

„Се дозна дека 40% од шестиот пршлен на вратот бил зафатен со рак. Следеа 48 зрачења минатото лето. Кога наводно се излечив, се вратив на тренинзите, но потоа се дозна дека ракот е сѐ уште активен. Тогаш ми кажаа дека рбетот може да престане да ми функционира и би можела да останам парализирана доколку не направам операција“, вели Ментел-Спи.

На крајот на декември заминала на операција на вратот.

„Едната операција беше на крајот на декември, а другата на трети јануари. Тогаш ми кажаа лекарите дека мојот врат е во ред и би можела да заминам на Параолимписките игри.  Дури пред три недели повторно застанав на сноуборд. Поради тоа е неверојатен фактот што стигнав до златниот медал“, емотивно раскажува 45-годишната натпреварувачка.