Хрватска дојде и до осмиот медал во Токио – сребро во гимнастика!

Најдобрата земја од регионов на овие Летни Олимписки игри, Хрватска стигна до осмиот медал и е 19-та на листата на земји со одличја, откако Тин Србиќ денеска стигна до сребро во гимнастика.

Србиќ одработи одлично и освои 14.900 поени, но недоволно за злато пред домашниот гимнастичар Даики Хашимото, кој имаше 15.066 поени, додека Русинот Никита Нагорњи со 14.533 поени беше трет.

Ова е прв медал во гимнастика за Хрватска од Олимписки игри после 13 години, а Србиќ кој има светско злато и сребро, сега ја дочека шансата да придодаде и олимписки медал, а на Хрватска да ѝ го обезбеди осмиот досега, трет сребрен покрај трите злата и двете бронзи.

Србиќ е светски првак во гимнастика од 2017 во Монтреал, а сребрен од Штутгарт пред две години, плус има и две европски сребра во последните две првенства во 2019 и 2020 година.

Хашимото, пак, стигна до третото злато, покрај тимското во повеќебој и во поединечна конкуренција исто така во повеќебој.