Македонец се искачи на Аконкагва осум пати побрзо од нормалното

Македонскиот планинар и планински тркач, Александар Кирковски, вчера го искачи највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва (6.962 метри) за 9 часа и 52 минути (одење и враќање), што е повеќекратно побрзо од вообичаеното време кое изнесува три до четири дена.

Тој тргнал од базниот камп Плаза де Мулас, кој се наоѓа на 4.300 метри надморска височина, а неговото брзинско искачување е пионерски подвиг во балкански рамки, а оствареното време и многу пошироко.

„Не беше се така лесно, а во одреден момент и под знак прашалник поради проблеми со мрзнење на стапалата. Го дадов својот максимум, физички и психички најдоброто од себе во овие околности. Благодарам на сите кои придонесоа ова да се случи, ќе ги набројувам во наредна прилика. Имаме пионерски потфат во балкански рамки и резултат вреден пошироко, направен со години труд и ентузијазам. Нека биде мотив за многу идни генерации планински спортисти!”, изјави Кирковски

Тој својот подвиг го посвети на трагично загинатите планинари Калина Велевска и Александар Миновски, кои пред точно една година ги загубија животите искачувајќи го Кајмакчалан.