Германците открија како освоија 23 медали на ЗОИ: Пијат пиво со тони!

Знаете како по напорен ден на работа, сакате да се напиете ладно пиво и да си речете: Ооох! Токму тоа го прават германските олимпијци во Пјонгчанг.

Досега имаат освоено 23 медали, имаат 11 златни, колку и лидерот Норвешка и еден од факторите за тоа е што пијат пиво по тренинзите. Арно ама, нема да ги видите никаде да се тетерават пијани бидејќи пивото е – безалкохолно.

Познатиот произведувач на пиво Кромбахер доставил 35.000 литри безалкохолно пиво во олимпиското село, наменето за спортистите. Речиси, сите го сакале пивото и многу го консумирале. Една од нив е скијачката Линус Штрасер.

„Има одличен вкус, а и добро е за телото. Безалкохолното пченично пиво е екстремно здраво. Тоа е изотоник. Затоа е добро за спортисти“, вели скијачката.

Истото мислење го дели и тимскиот лекар на Германија, Јоханес Шер. Тој потсетил на некоја студија врз маратонските тркачи, извршена во Минхен, во 2009 година. Заклучоците биле дека пивото помогнало да се намали воспалението на мускулите и да се спречи инфекција на респираторниот систем. Тоа резултира со олеснето и забрзано рекуперирање на спортистите по голем напор.

Уште еден љубител на ова пиво е бијатлонецот Симон Шемп, кој освои сребро на 15 километри во масовен старт.

„Многу добро ми доаѓа пијалаков кога го пијам веднаш по тренинг или по натпревар“, признава медалистот.

Меѓутоа, Германците признаа нешто друго, покрај безалкохолното, Кромбахер доставил и обично пиво и тоа 11 тони.

„Некогаш уживаме и во алкохолно пиво, се разбира и тоа е добро“, додава Шемп.