Георгиевски: Во Токио одам по златен медал за мојата Македонија!

Македонскиот таеквондист, Дејан Георгиевски, денеска одржа прес-конференција на која не само што ги опиша чувствата и емоциите по освоената норма за настап на Олимписките игри во Токио, туку и најави радосни денови од најголемиот спортски настан во светот.

Тој истакна амбиција не само за настап на ЛОИ, туку и за атак на златниот медал.

„Благодарност до моите тренери Борче и Дарко Костовски, без нив овој успех немаше да се случи. Ова се денови кога македонската јавност дозна за историскиот успех на таеквондото во нашата држава. Ми следува малку одмор, а потоа се исклучуваме од реалноста и одиме да работиме на остварување на следната цел, а тоа е освојување златен олимписки медал за мојата Македонија“, изјави Георгиевски.

За остварување на оваа цел, најдобриот македонски таеквондист ќе ја има целосната поддршка од Македонскиот олимиски комитет (МОК).

„Како Олимписки комитет препознавме квалитет и од првиот момент максимално тимски функционираме и никој од нас не се штеди да ги овозможиме најдобрите услови за еден врвен резултат“, нагласи Даниел Димевски, претседател на МОК.

Покрај Георгиевски, кој во Токио ќе настапи на 27 јули, од македонските спортисти со обезбедена олимписка норма досега е и борачот Могамедгаџи Нуров.