Европската шаховска елита од недела ќе се пресметува во Скопје!

Градот Скопје од недела па во следните две седмици ќе биде домаќин на европскиот шаховски крем, со оглед што во главниот град ќе се одржува поединечното Европско првенство (ЕП) со рекорден број учесници.

Според податоците на организаторот, во салата во хотелот „Хилтон“ ќе се појават дури 365 шахисти од 43 држави од Стариот континент, меѓу кои ќе има дури 146-мина со титулата велемајстор, што гарантира навистина фантастичен турнир. Македонија ќе биде застапена со 23 шахисти, додека убедливо најголем број учесници ќе има од Русија (вкупно 49) од каде што се и тројцата најдобро рангирани, а со тоа и најголеми фаворити за триумф, Владислав Артемиев (2.736 рејтинг), Евгениј Томашевски (2.705) и Данил Дубов (2.703). Најдоброрангиран македонски шахист ќе биде велемајсторот Кирил Георгиев (2.595).

„Ова е најголема бројка досега на поединечните европски првенства, што за нас е доказ дека ќе бидеме домаќини на навистина спектакуларен турнир. Беше тешко сето ова да се организира, но со помош на Владата, на општина Аеродром и на Агенцијата за млади и спорт успеавме да се справиме со сите проблеми. Свеченото отворање е в недела од 19 часот и би сакал да ги поканам сите спортски вљубеници кај нас да дојдат и да ги поздрават најдобрите европски шахисти“, вели Благоја Богоевски, првиот човек на Шаховската федерација на Македонија.

Првенството почнува на 17 март, а завршува на 30 март.