Димевски дојде до тронот во МОК исклучиво на кондиција и на – искуство!

По 28-годишно владеење на Васил Тупурковски, македонското олимписко движење има нов предводник, Даниел Димевски, кој победи на синоќешното Изборно Собрание, кое ќе биде запамтено по хаосот, поделеноста, чудниот начин на водење и гласање, а пред сѐ поради напуштањето на салата на речиси половина од членовите незадоволни од организацијата на овој свечен чин.

Димевски триумфира пред сѐ поради подобрата кондиција, но најмногу поради искуството во снаоѓање во вакви изборни ситуации, какви што имаше неколку за време на неговиот мандат во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Тој умешно се наметна за глас на Собранието далеку пред да се гласа за неговиот избор, ја водеше процедурата онака како што му одговараше, на што му кумуваше и доскорешниот прв човек Тупурковски, кој свесно или не, уште од самиот старт му ја препушти водечката улога на сега веќе неговиот наследник.

Игрите околу кандидатурата на неговата најавена противничка, Александра Војнеска-Зикова, на која прво ѝ беше дозволено да се пријави за борба, а потоа, на 24 часа пред Собранието, да биде „спуштена“ од Управниот одбор, кој со гласање 2-1 одеднаш реши дека таа не ги исполнува условите, беше сѐ само не случајно. Тоа внесе немир во таборот на првата дама на атлетиката, по што следуваа нервозни реакции, кои како да ја намалија жестината во давањето одговор на ситните процедурални игри на организаторот на изборот за нов претседател.

Тоа пред сѐ се однесува на гласањата за работно претседателство, верификациска комисија и на дневниот ред, на кои веднаш се виде кој табор има повеќе гласови и по кои се знае името на победникот дури и пред вистинскиот избор. Релативно хаотичната атмосфера беше искористена да се гласа поединечно, на начин каков што е прашање дали воопшто е виден на друг избор. Наместо да се гласа истовремено за двата предлога, со кревање рака за која опција сакате, беше наметнато поединечно гласање со за и против. Поради тоа, намерно или не, предлозите на страната на Војнеска-Зикова дури и воопшто не беа ставани на гласање, со објаснување дека изјаснувањето за првата опција било доволно за да се сфати што сакаат присутните на Собранието.

Истовремено, дури и дневниот ред беше идеално направен, доволно долг и опширен, за максимално да ги измори членовите додека на ред дојде на ред главното, со цел да го намали ентузијазмот кај противниците, особено кај тие што беа некако нерешителни околу оценката кому сакаат да му го дадат својот глас. Ако тоа беше плански направено, успешноста е максимална. Згора на тоа, вметнувањето на изборот на Тодор Гечевски за нов член на Собранието на местото на починатиот Благоја Георгиевски-Буштур пред гласањето за претседател, исто така не беше случајно, знаејќи ја неговата поврзаност со Димевски. Ова уште повеќе боде очи ако се знае дека приемот, пак, на нови федерации во членство беше направен по неговото устоличување во прв човек на МОК.

Секако, голема вина за начинот на кој се одвиваше изборот на нов претседател има и самата кандидатка од Атлетската федерација на Македонија (АФМ), која иако беше дел од работното претседателство и имаше можност директно да се вклучи во работата, таа молчеше додека нејзиниот опонент доминираше во салата. Дури и напуштањето на салата беше некако невешто изведено, во последен момент, по неколку тивки и нејасни обиди да се стави на дневен ред прекин на Собранието. Војнеска-Зикова мораше да биде далеку погласна во борбата со Димевски, ако сакаше да дојде до посакуваната функција, особено откако го виде начинот на однесување на својот опонент.

Без разлика на сето ова, Димевски е веќе предводник на македонскиот олимпизам, кој сега е поделен на две струи. Борбата на таборот на Војнеска-Зикова сигурно ќе продолжи, бидејќи уште и пред Собранието беа најавени кривични пријави за сега веќе поранешното раководство. Останува да се види дали тие што ја напуштија салата во „Александар Палас“ ќе успеат доволно да го кренат својот глас и да се изборат за своите права, ама на далеку повешт и поагресивен начин од тоа што го покажаа синоќа.

Во спротивно, ќе мора да го прифатат резултатот и уште од сега да се подготвуваат за следното Изборно Собрание, кое новиот претседател најави дека ќе се одржи точно за една година.