Чудакот од Тонга, пред една година првпат виде снег, а сега ќе скија на ЗОИ! (ВИДЕО)
Има 34 години и уште во Рио ги привлече погледите, кога исто така гол, само во традиционалната тонгоанска „таовала“, премачкан со масло го покажа своето тело при парадирањето на олимпијците. Неговиот матичен спорт е таеквондо, но не се прослави во Рио, па беше елиминиран уште во првото коло.
Тогаш уште не ни знаеше за нордиското скијање, но знаеше дека сака нов предизвик во животот, па реши да проба нова авантура, да стане зимски олимпиец. До почетокот на 2017 година возеше „ролер-ски трки“, кои се важечки за остварување олимписка норма, но неопходен му беше резултат и на снег, а тој никогаш во животот немал скијано.
На својот официјален канал на Јутјуб, Меѓународниот олимписки комитет објави видео-клипови како Пита првпат во животот застанува на скии. Се лизгаше, паѓаше, меѓутоа успеа да ја совлада техниката, а и неговиот тренер изјавува дека не е вообичаено за една година да станете олимпиец.
Имаше седум неуспешни трки да дојде до олимписка норма, а последната од нив во Ерменија не успеа ни да ја извози. Проблем бил свежо паднатиот снег, за кој немал соодветна опрема. Се сетил како одбрал да вози во Ерменија, наместо на трка во Хрватска, која била наредниот ден, па не се откажал и направил се што може да стигне преку ноќ до Загреб.
Сепак, не бил лесно, немало директни летови, па поминал преку пет земји, за 24 часа и уште шест часа во такси, за да стигне на аеродромот во Истанбул на 15 минути до летот до Загреб. Летот веќе бил затворен, а Пита им раскажа на своите 130.000 следбеници на Инстаграм како се чувствувал.
„Кога сфатив дека ‘Туркиш еарлајнс’ го затвориле летот порано, останав беспомошен. Се сетив на сцена од филм со Џејмс Бонд, го притиснав копчето на вратата за некако да ја отворам и да трчам спринт кон авионот, ама не ми успеа и среќа не ме видоа и не ме уапсија. И си седев во Истанбул, испуштајќи ја трката која може да значи пласман на Олимписките игри. Знаев дека ќе биде тешко, но морав да се обидам. Толку многу пати во животот ќе се разочараме. Оттука имав две опции. Да седам на тој стол и да плачам за тоа што можеше да ми се случи и како животто е нефер или да најдам некое квалитетно чоколадо, да го извадам нотесот и да ја испланирам следната недела“, напиша Тауфатофиа на Инстаграм.
По ова отиде во Исланд, на 20 јануари оваа година, што беше негова последна шанса за олимписка норма и - успеа. Не е првиот човек од Тонга кој учествува на ЗОИ, бидејќи сефте направи Бруно Банани пред четири години, но сигурно е еден од најхаризматичните и највпечатливите спортисти воопшто. Неговите настапи со внимание ќе ги следи целиот свет, а ние ќе го гледаме заедно со нашиот Ставре Јада, во спринт (вторник) и на 15 километри (недела).