Чехинката Ледецка стана првата олимписка шампионка во два различни спорта! (ВИДЕО)

Кога пред една недела Естер Ледецка победи во супервелеслалом беше вистинскиот подвиг, а денеска само стави потпис на парче историја.

Ледецка стана првата спортистка во историјата, која станала шампионка во два различни спорта на едни исти Зимски олимписки игри. Утрово победи во сноуборд, во паралелен велеслалом, дисциплината која е нејзина специјалност и во која ќе беше сензација ако не освои злато. Сензација, колку онаа пред една недела, кога позајми скии од Микаела Шифрин за да скија во супервелеслалом колку да се запише како првата со настап и во алпско скијање и во сноуборд на едни исти ЗОИ, а таа всушност - победи.

Ова второво не беше дилема со оглед на нејзината доминација, за која зборува и златото од СП минатата година. Победи со 46 стотинки подобро време од Селина Јерг од Германија. Трета заврши исто така Германка, Рамона Терезија Хофмајстер.

Мала историја се случи и во машкиот паралелен велеслалом во сноубодрд, не затоа што победи Швајцарецот Невин Галмарини, туку бидејќи среброто го освои Кореецот Санго Ли. Со тоа ѝ го донесе на Кореја првиот олимписки медал на снег, бидејќи досегашните беа исклучиво на дисциплините на мраз.