Борбите за најсјајните одличја на 23-те Зимски Олимписки Игри (ЗОИ) во Пјонгчанг може да почнат, по денешното свечено отворање и палењето на олимпискиот оган, со што спортистите од рекорден број на земји (92) низ шеснаесет дена ќе се борат за планетарна спортска слава.

Јужна Кореја првпат е домаќин на едни Олимписки игри, а домаќинот се потруди да направи спекракуларно шоу на отворањето, претставувајќи го своето минато и најавувајќи ја светлата иднина. Речиси 3.000 спортисти ќе учествуваат од утре на борилиштата во борбите за медали, а Македонија со тројца претставници ќе го има своето седмо учество на ЗОИ.

Игрите овојпат имаат историско значење, затоа што двете разделени Кореи овојпат ќе учествуваат под исто знаме, има низа земји кои дебитираат, но сето тоа останува во сенка на проблемот со допингот и целиот хаос што се случи со суспензијата на руските сопртисти, кои на овие Игри учествуваат под знамето на петте олимписки кругови.

Олимпискиот оган кој на 1 декември беше запален во древната Олимпија, мина 2.018 километри низ Јужна Кореја, го носеа 7.500 луѓе одбрани од Олимпискиот комитет, а факелот го носеа и со авион, и со брог, го носеа и под морето, а го носеше и робот. На Олимпискиот стадион во Пјонгчанг огнот го запали Ким Ју На за офицјално да биде отворен најголемиот зимски спортски фестивал.