Толку од одбојкарите во Тарагона: Шпанија е пресилна за Македонија!

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги заврши настапите на Медитеранските игри во Тарагона со само два меча од фазата по групи. Во вториов, лесно загуби од Шпанија.

Излезе дека Египет ни бил шансата за добар настап во Тарагона, бидејќи домаќинот, Шпанија е преголем залак. Во денешното второ коло од групната фаза, Шпанците ја совладаа Македонија во експресни три сета. 

Во првиот и во вториот избраниците на Љубомир Травица не беа ни блиску до противникот, освојувајќи 16, односно 14 поени, а пристоен беше само третиот, кој го загубивме со 22-25. 

Со ова Македонија ги загуби шансите за понатамошно надигрување, бидејќи првите две селекции од четирите групи продолжуваат во четврт-финале. Ние остануваме трети во конкуренција на Шпанија и на Египет, а ќе остане каење за вчерашниот пораз од Египет, тесно и во пет сета.