Србија е европски шампион: Победа против Турција среде Анкара и 14.000 навивачи

Женската одбојкарска репрезентација на Србија е старо-нов европски шампион, откако во големото финале го совлада домаќинот Турција со 3-2 во сетови. 

Во Анкара пред 14.000 навивачи се играше одлична и квалитетна одбојка, а Србинките дојдоа до своето трето злато во историјата на континенталните турнир со резултат 21-25, 25-21, 25-21, 22-25 и 15-13. Лидер на теренот очекувано беше Тијана Бошковиќ со 23 поени. 

Србинките го одбранија златото освоено пред две години во Азербејџан, а првата европска круна ја освоија во 2011 година. Избраничките на селекторот Зоран Терзиќ, турнирот го завршија без пораз, а за оваа генерација одбојкарки ова беше четврто големо финале на последните четири големи турнири, Олимписки игри 2016, Европско првенство 2017 и Светско првенство 2018 година.