Македонската одбојкарска репрезентација загуби со 3-2 од Хрватска во полуфиналето на завршниот турнир, што се одржува во Скопје во Сребрената Европска лига. 

Нашите одбојкари пропуштија неверојатна шанса да играат во четврто финале по ред, бидејќи водеа со 2-0 (25-21, 25-22). Играта на нашата репрезентација се распадна и со голем број на грешки му помогнавме на противникот да направи пресврт и следните три сета да ги добие со 25-22, 25-20 и 15-9.

Македонија по бронзата и трите сребра по ред во ова натпреварување, како домаќин на завршниот турнир се надеваше дека конечно ќе освои златен медал, но оваа сезона едноставно го немавме потребниот квалитет. Многу повреди и откажувања беа сериозен удар за оваа селекција, која сега ќе се фокусира на Медитеранските игри, а потоа и на квалификациите за ЕП.