Премиерот Заев со специјална честитка за историскиот успех на одбојкарите на Македонија!

Историскиот успех на одбојкарската репрезентација на Македонија, која синоќа за првпат се пласира на завршницата на едно Европско првенство (ЕП), донесе огромен број честитки на адреса на хероите, меѓу кои беше и таа на премиерот Зоран Заев.

Првиот човек на Владата им ја честита големата победа над Унгарија, а со тоа и шансата да се натпреваруваат со најдобрите на Стариот континент.

„Сите се гордееме и аплаудираме на овој резултат и пласман. Имаме обврска да го поддржуваме и развиваме репрезентативниот спорт. Браво за нашите одбојкари!“, напиша меѓу другото Заев.

Македонија ќе настапи на континенталниот собир, кој ќе се одржи од 13 до 29 септември и тоа за првпат во четири различни земји – Белгија, Франција, Холандија и Словенија. „Спартанците“ очекувано се во последниот барабан за ждрепката, а засега е познато дека не може да играме во иста група со Украина со која биевме битка во квалификациите.