Почнуваат Медитеранските игри: Отвораат одбојкарите против Египет!

Македонија никогаш немала богата олимписка експедиција, па овие 70-тина спортисти, кои отпатуваа во Тарагона за Медитеранските игри барем во некоја форма ни доловуваат како е да се биде на спортски настан од таков карактер. „Денес над Македонија“ први ќе ја пеат одбојкарите, пред мечот со Египет, во 13 часот и 30 минути.

Уште не е изладено разочарувањето од Европската сребрена лига и неуспехот на Ф4-турнирот во „Кале“, но одбојкарите мора да го канализираат тој бес (главно кон себеси) и да прикажат подобра игра. Нашата улога во групата Ц е аутсајдерска, покрај домаќинот Шпанија и африканскиот гигант Египет.

Почнуваме против Египќаните, кои ја загубија титулата на својот континент минатата година, откако претходно доминираа и ги освојуваа сите континентални првенства од 2005 година. Тие се редовни учесници во Светската лига, играа на последните пет Светски првенства, а на ОИ во Рио завршија деветти. Немаат значаен успех на таквите големи натпреварувања, што значи се зад оној прв ешалон во светот, но се присутни таму редовно, што е доволен аргумент за квалитет.

Македонија нема натпревари со Египет, а во стручниот штаб и немаат многу информации за нивната репрезентација, сепак истото ќе важи, веројатно и за нас во нивните очи, па подготовката и нема да биде толку пресудна, колку самиот настап, на терен.

Резултатот можеби е во втор план, но за разлика од другите македонски селекции, одбојкарската има императив да прикаже добра игра. Прво, затоа што отпатува во најдобриот состав во моментов, второ затоа што ја чекаат августовските квалификации за ЕП, кои беа поцртани како главен фокус летово.

По овој натпревар, утре (19 часот) играме со Шпанија, која е прв фаворит во групата. Победниците од сите четири групи продолжуваат во полуфинале.