Петти обид за злато: Одбојкарите вечерва во полуфинале со Хрватска

Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва го почнува петтиот настап во полуфиналето на Европската лига, овој пат наречена Сребрена. За разлика од претходните години, сега сме домаќини на фајналфор-турнирот, што треба да ни донесе предност вечерва против Хрватите. Првото полуфинале, меѓу Белорусија и Летонија се игра од 17 часот.

Иако е вицепрвак во Европската лига во последните три сезони, на Македонија, сепак, ѝ се даваат најмалку шанси за освојување на фајналфор-турнирот во „Кале“. Причина за тоа е неубедливиот настап во групната фаза од Сребрената лига, во која имавме само две победи (против Косово) и четири порази.

Селекторот Љубомир Травица имаше време од, речиси, две недели за да ги коригира недостатоците во играта, но и неколкуте повредени имаа време да заздрават и да влезат во подобар ритам.

Хрватите се сериозен противник, иако заврши ја втори во групата Б. Имаа ист ефект на победи и порази со првопласираната Белорусија (5-1) и само поради разликата во загубените сетови завршиja втори. Тие имаат настап и на големите првенства, последно на Европското во 2015 година, нешто што досега не им успеало на македонските одбојкари во самостојната држава.

Во минатите три финалиња во Европската лига, Македонија загуби од Шведска, Естонија и од Словенија. Оваа година има промена на форматот на глобално ниво, па воведени се два степена на Европска лига, Златна и Сребрена. Победникот во Сребрената за следната сезона изборува место во Златната.