Одбојкарите ќе добијат премија од 20.000 евра за пласманот на ЕП!

Македонските одбојкари ќе добијат заслужена награда за изборениот пласман на Европското првенство, кое ќе се одржи во Финска, Естонија, Полска и во Чешка, во септември. 

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) ќе издвои 20.000 евра како премија за одбојкарската репрезентација, потврди претседателот Петар Јовановски. 

„Уште пред турнирот во Скопје, управниот одбор на ОФМ донесе одлука, одбојкарите да бидат наградени ако успеат да се пласираат. Секако дека сум среќен работиме долго, оваа генерација ја следиме некои десетина години. Малкумина веруваа, а сега се покажува дека сме направиле вистинска проценка, дека сме ги поставиле правилно целите, резултатите сега ги собираме“, изјави Јовановски за ТВ 24.

Македонија се пласира на ЕП преку квалификациските турнири во Скопје, во конкуренција на БиХ и на Турција. Забележа победи од 3-1 и 3-0 против Босанците, победа од 3-1 и пораз од 1-3 од Турција, што беше доволно да ја завери визата за ЕП како една од второпласираните селекции во квалификациите. Ова ќе биде второ учество на Македонијана континентален собир, по оној во 2019, кога завршивме на 17.место.