Одбојкарите го сонуваат златото: Со срце да ја оствариме целта – победа во Сребрената лига!

Македонската одбојкарска репрезентација по три неуспеси на завршните фајнлфор-турнири во Сребрената лига, сонува на свој терен конечно да стигне до златниот медал, без оглед што во групната фаза Македонија одигра далеку под очекувањата и загуби на четири од шесте мечеви.

Прв предизвик за македонските одбојкари е дуелот со Хрватска во полуфиналето на Ф4 во Сребрената лига, а одбојкарите се убедени дека од нив, јавноста сега ќе го види најдоброто и дека сонот на генерацијата е да победат во оваа Сребрена лига.

Ни претстои најубавото, за тоа што од 8 мај тренираме и за тоа што откако го добивме Ф4 постојано зборуваме. В петок играме со Хрватска, која ја посакувавме за противник, затоа што многу подобро ја знаеме од Белорусија. Добро ги знаеме нивните играчи, Љавтов играше таму, а и нашиот селектор таму беше тренер. Се надевам дека в петок ќе бидеме во максимална форма, овие денови ќе се фокусираме на нашите предности и со срце да одиме да победиме. Потоа ќе размислуваме за сабота и златото. Нашиот сон е злато, оваа генрација веќе пет години игра заедно, имавме одлични подготовки и мислам дека ќе ја оствариме целта“, рече капитенот Никола Ѓорѓиев.

Оптимист за успех е и селекторот Љубомир Травица, кој посочи дека дуелот со Хрватска ќе биде надмудрување во секој поен и дека главно е да се скроти сервисот на противникот.

„Хрватска е силна селекција и веројатно најкомплетна на овој турнир. Има голем број на играчи, најголемиот дел од нив се искусни, кои настапуваат во странство и досега покажаа дека се исклучително непријатна екипа. Дури ја победија и Белорусија, но и тие имаат слаби точки, кои ние тоа ќе се трудиме да го искористиме. Нема воопшто да биде лесно, имаат одлични сервери, а токму тој елемент ќе одлучува. Треба да го скротиме нивниот сервис. Ќе биде надигрување и надмудрување за секој поен, а во дадена ситуација ќе треба да надополниме и со срце. Мора да се обидеме да го намалиме бројот на грешките, а од прв ден рековме дека сите проблеми ќе ги надоместиме со повеќе срце на терен. Сите сме фокусирани на овие два дена кои се најважни, за конечно да се оствари сонот“, рече Травица.

Македонија со Хрватска игра задутре од 20 часот во СРЦ „Кале“, а три часа претходно на програмата е првото полуфинале Белорусија – Летонија. Ако победи Македонија во финалето ќе игра со подобриот од првиот дуел од 19 часот в сабота, додека мечот за трето место е од 16 часот.