„Не дојдов во Македонија да земам некоја пара, туку да остварам резултат“

Македонската одбојкарска репрезентација го почнува, веројатно, најважниот турнир во последниве десетина години, иако имала и финалиња и мечеви за медали. Со денешниот дуел на гости кај Унгарија, од 17.45, почнуваат квалификациите за првото Европско првенство со 24 репрезентации и првото во кое Македонија влегува со реални шанси за пласман.

Нов селектор, двајца повратници во екипата и огромна желба за докажување дека ова репрезентација има уште дури да го достигне врвот. Тоа отприлика е описот на состојбата во која се наоѓа Македонија на почетокот од квалификациите кои нудат најголема шанса досега за пласман на големо првенство. Во група сме со Украина, Швајцарија и Унгарија, а третава е нашиот прв ривал.

Целта е прво место, но и второто може да однесе на ЕП, ако се најдеме во петте најдобри на таа позиција, од сите седум групи. Тоа не е неостварлива мисија, се согласува и новиот селектор, Никола Матијашевиќ, иако не очекува да биде лесна.

„Да не верував дека оваа репрезентација има квалитет да се пласира немаше ни да доаѓам. Не дојдов јас во Макеоднија за да соберам некоја пара, туку да постигнам резултат. Репрезентацијата има квалитетни одбојкари, но ако се споредиме со Украина, на пример, имаме физички недостатоци. Украинците се физички доминантни, високи, снаажни и сигурно се фаворити во оваа група. Нам ни останува борбата за второ место со Унгарија и со Швајцарија, но нема ни да помислиме да се одречеме од првото место. Ќе ја нападнеме Украина уште тука, кога ќе дојде во 'Кале'“, размислува Матијашевиќ.

Украина доаѓа во „Кале“ в сабота, во второто коло од квалификациите, но фокусот сега е на денешниот меч со Унгарците. Тој ќе даде јасна насока на каде ќе се движи нашата репрезентација. Повратниците Деспотовски и Милков сигурно ќе му дадат густина на квалитетот на нашиот тим, а за искуството и хармонијата не треба да се дискутира, бидејќи ова е репрезентација која неколку години веќе функционира во, горе-долу, ист состав.

Што се однесува до силата на Унгарија, таа важи за послаба селекција од нашата. Во годинешнава Сребрена европска лига заврши последна во својата група, со една победа и пет порази. Ја совлада Албанија со 3-2, а единствениот друг сет што го освои беше во поразот од Албанците во реваншот, со 1-3.