„Нашата мака и патешествија заслужуваат книга или филм како 'Монтевидео, Бог те видео'!“

Македонската одбојкарска репрезентација на 12-ти септември за прв пат во својата историја ќе игра на едно Европско првенство. 

Деценискиот сон на сите досегашни македонски одбојкари го оствари една генерација, која изминативе пет години мина низ „сито и решето“. Група момци кои им пркосеа на сите проблеми и патешествијата низ Европа со автобус ги искористија за зајакнување на тимскиот дух. Нивниот инает да успеат, на македонската одбојка и го донесе овој историски момент, кој ќе стане реалност идната недела во Љубљана.

Лидер и капитен на оваа наша репрезентација е Никола Ѓоргиев, кој вели дека за овој тим треба да се напиша книга или да се сними филм, со оглед на работите низ кои поминале изминативе години.

„Понекогаш во сите среќни и тажни мигови размислувам дека за нас и за сите патишествија кои сме ги поминале треба да се напише една книга или да се направи еден филм како што е филмот, „Монтевидео, Бог те видео“, каде што играчите одеа со брод до Уругвај, а кај нас наместо брод, тоа беше автобус. Минавме низ тешки моменти, но она што ме прави горд на себе и на сите момци, кои се пред се одлични луѓе и одлични играчи е тоа што издржавме и не само тоа, туку и секогаш да го даваме максимумот, играјќи понекогаш и болни и повредени и сигурен сум дека пласманот на ЕП е круна на сето тоа“, вели Ѓоргиев. 

Врв на сите проблеми на селекцијата беше турнирот „Чајка“, кога беа буквално избркани од салата „Кале“, поради настапот на футсал тимот Шкупи во претквалификациите во Лигата на шампионите.

Репрезентацијата цели два месеци се подготвуваше за овој настап на Европското првенство. На пријателските натпревари, резултатите не беа идеални, но селекторот Матијашевиќ ја бараше вистинската тактика за она главното. Претрпевме два порази од Романија на гостински терен, а потоа имавме една победа и еден пораз од Шведска во Скопје. Во полуфиналето на турнирот „Чајка“ загубивме од Украина, но во борбата за третото место ја победивме Бугарија. 

Последните контроли ги одработивме во Сент Пелтен против Австрија. Прво победивме во неофицијалниот натпревар со 4-0 во сетови, додека вчера претрпевме пораз од 3-1. 

Македонија на континенталниот турнир ќе дебитира против Финска на 12.септември во рамки на групата Ц, која се игра во Љубљана. Наши противници се и селекциите на Турција, Русија, Белорусија и еден од домаќините, Словенија.