„Кога Белорусите се лутеа, уште толку ни дојде да ги - „изедеме“!“

Победата на Македонија над Белорусија, на одбојкарското ЕП, сигурно разбуди многу емоции кај нашите одбојкари. Тоа се виде и на паркетот, каде што експлодираа во еуфорија, а додека траеше натпреварот имаа и искри со противниците.

Филип Деспотовски влезе во вербален дуел со Белорусите, а по мечот објасни дека како што не им одеше мечот, тие повеќе се лутеле, а тоа ги правело македонските одбојкари уште помотивирани.

„Кога не им оди, тие се лутат, а со тоа играта добива поголем шарм. Така уште толку ви доаѓа желба да ги изедете. Ова е игра на ниво на Европско првенство, ова е голема победа, честито Македонијо. Словенија е во добра серија, одлична репрезентција. Нема да биде лесно, ама ќе се бориме.“, рече Деспотовски, најавувајќи го и утрешниот, последен меч од групната фаза, против Словенците, од 17.30.