Македонските одбокари направија историја, остварувајќи ја првата победа на Европските првенства. Нашиот квалитет дојде до израз во натпреварот со Белорусија, кој го добивме со 3-1, по сетови 23-25, 25-19, 28-26, 25-20.

Македонија веќе не е аутсајдер, случаен патник и принуден учесник на Европското првенство во одбојка, туку репрезентација која запиша победа и први тре бода во групата во Љубљана. 

Скептиците имаа право да не веруваат и денеска, но само во првиот сет, во кој Белорусите диктираа, подолго водеа, на крај и го добија со 25-23. Сепак, селекторот Никола Матијашевиќ од клупата најде начин како да ги поврзе конците, а капитенот Никола Ѓорѓиев да ги повлече соиграчите на паркетот, за Македонија да го покаже најдоброто од себе.

Сите оние блесоци од претходните три порази се споија во еден меч и пресвртот почна во вториот сет. Таму бевме изедначени до 13-12, а потоа следуваше експлозија, серија од 7-0 за Македонија по што сетот беше лесен залак, со 25-19.

Третиот сет беше премрежјето кое мораше да се помине, Белорусите имаа сет-топка, дури и поен со кој судиите ги прогласија за победници, откако смечуваше Ѓорѓиев, но капитенот решително побара „челинџ“, по кој се виде дека судиската е погрешна, поенот беше за нас и делуваше како ветер во грб за конечни 28-26 за Македонија во тој сет.

Психологијата проработе во четвртиот, Македонија со самодоверба и со контрола на играта го држеше во свои раце и четвртиот сет, отворајќи го со 6-2, по што Белорусите немаа капацитет за враќање.  Апсолутен играч на натпреварот беше капитенот Ѓорѓиев со неверојатни 37 поени, Љафтов додаде 15, Милев 11.

Со првата победа, Македонија освои први три бода и дојде до петтото место во групата, еден повеќе од шестопласираната Белорусија и идентично колку четвртата Турција. Финска има четири на третото место, напред се Словенија и Русија со по девет. Утре од 17.30 часот, Македонија ќе игра со домаќинот и фаворит Словенија, со отворени шанси за осминафинале.